ТРИ ПЕСНИ

СВЕТОТ ЌЕ ЗАСТАНЕ

Еднаш во векот
ќе се случи
времето да заспие во длабок сон,
а универзумот да застане на стаклени нозе.
Тогаш мразулците на животот
ќе течат тивко само по замрзнатите клисури.
Енергијата што се насобрала низ столетијата
и нечистотијата што се напластила низ децениите
по зелените полиња на злото
со сивите апокалиптични семиња
ќе ги натера луѓето од сиот свет
да гладуваат за својата слобода.

СТАКЛЕН БАЛОН

Денот го престорија во ноќ.
Улиците се слепи и празни
без никаква секавица од минувачи.
Избришани се сите траги
од буката на секојдневниот животен стил.
Луѓето се внатре, а животните се надвор.
Само птици во воздухот и црни глувци на земјата.
Конечно животинските видови
си ги заменија улогите на моќен-немоќен вид.
Светот го претворија во медицинска епрувета.
Во нас ријат сите човекови желби за слобода на движење.
Светот ги затвори своите врати, а нам ни останува
да ја вдишеме секоја капка живот
преку одразот од стаклените прозорци.

ЗАТВОР

Кога душата е затворена
изгубено ти е сетилото за имагинација.

Кога светот е затворен
единствено движење ти се мушичките во умот.

Кога умот е затворен
секое движење и секоја имагинација се залудни.

© 2021 Trend Magazine. All Rights Reserved - Powered by Optimus Solutions.

Scroll To Top