Стихови со светлинска енергија

СТИХОВИ СО СВЕТЛИНСКА ЕНЕРГИЈА

(Книжевен осврт кон стихозбирката „Раѓање на денот“ од Оливера Доцевска)

 

          Оливера Доцевска е поетеса, активистка за човекови права, хуманистка,  колумнистка, приредувач  и  преведувач,  уредник  на  нејзиниот  портал  за  општество  и  култура budnost.mk. Од 2012 година  е  Членка  на  Друштво  на  писателите на Македонија. Со дел од поезијата таа е застапена во многу антологии и избори во земјава и странство. Оваа македонска авторка зад себе ги има стихозбирките: „Илузија за сон“ (2011), „Портокалова“ (2013), „Сончица-Сончоглед-Сунцокрет“, (тројазично издание на македонски, словенечки и српски јазик) (2013), „Цветoви  на  илузија- Cvetke iluzije“ 2014 (словенечки  јазик), „Еден  миг  од  времето“ (2015), поемата „Естер  Ихаз“  (2017) и стихозбирката „Раѓање на денот“ (2019). Вечерва имам чест да ја промовирам „Раѓање на денот“.

          Ние

Ние немаме друго место за кажување

освен меѓупросторот на соништата и будноста.

Ние сме Големата Мечка и нејзината опашка од ѕвезди

населена во моите очи секогаш

кога низ ноќта, чекорам…

Ние сме. Секогаш кога погледнувам во потрага по твоите очи

кон Месечината,

Ние сме, и кога се осамуваш, молчиш и тонеш во темнината.

          Најновата стихозбирка на Оливера Доцевска „Раѓање на денот“ е издадена од Центар за култура и културолошки студии во Скопје во 2019 година. Временскиот обрач во кој се пишувани песните го опфаќа периодот на 2018 и 2019 година. Затоа поетесата дава отслик на актуелните случувања во земјава и современиот контекст на живеење на денешниот човек. Во стиховите распостелени на странциите од оваа книга се слуша звукот на урбаното секојдневие од скопските и кумановските улици, а во поетските слики одекнува поетикатата на градот и неговите убави и лоши страни. Такви се песните: За стих по стих, Некаде по пет пм, Низ алејата на јапонски цреши, Епитаф за мојот град, итн. Поезијата од оваа книга има различен тематски и мотивски спектар што главно циркулира околу четири тематски јадра: има песни со родољубиво патриотско чувство, некои песни се љубовни, а некои се филозофско-психолошки контемплации и арс-поетички. Песните од „Раѓање на денот“ се наративни, долги и слободни по форма, зборовите се нижат во слободни стихови кои течно истекуваат како што истекуваат мислите на лирскиот субјект. Поезијата на Доцевска е длабоко емотивна и имтимистичка, па затоа е лесно да се направи изедначувањето на лирскиот субјект и индивидуалното јас на поетесата Доцевска. Пишувањето за Доцевска е его-простор, соба за лично бегство и ескапизам од негативните општествени состојби. Да се пишува значи да се оди по патот на светлината наместо по патот на темнината. Поетесата медитативно го разглобува животот и негативните општествени појави денес: губењето на националниот идентитет, индивидуалноста, материјализмот, нихилизмот. Постои Верленовски манир кон жолтата боја на есента и поезијата како реакција на дождот. Посветата: “Чувствувам како се приближува и ме довикува… На Македонија, со љубов” е рамка што нè упатува на тоа дека поетесата Доцевска посветува песни за Македонија, а во кои доминираат родољубивите емоции и патриотското чувство. Такви се песните: Ако речам ќе заминам, Ќе го љубам твоето знаме, Ако посакаш да ме заборавиш, Шчо направија, Драг Пабло, нацртај ми го Сонцето повторно, Времето кога шепка, Сите лажни идоли, Без ореол, Избегнување, итн.  Обраќањето е посебно присутно во поезијата, лирскиот субјект е буден и медитативен, тој ги критикува негативните состојби и се обраќа кон замислен соговорник. Доминира реторичкото прашање како разговор на лирскиот субјект со својата душа, метафората и метонимијата, епитетот, оксиморонот, зегмата, итн. Во песните со љубовната тематика: Про (дадено) срце, Пурпурна смрт на бестелесна душа, Да ме љубиш на дождот, Кога сонот посака јаве да стане, Виолетова срцева комора, Кога студи, Како шеќер во прав со ванила, Ако итн. утрата се пурпурни а доминантна боја на поетскиот патос е виолетово-пурпурната нијанса. Песните: Превртено, Ти, Грев, Никогаш, Постоење, Каде сме ние?, Љубов ли си или не си?, Поврзаност, Има денови, Во огледалото, Школка, се љубовни песни во кои Оливера Доцевска со силен емоционален набој ги отсликува личните емотиви состојби и дилеми. Копнежот е иманентен именител на женскиот лирски субјект кој се наоѓа на земјата, а во мислите е блиску до облаците и ѕвездите. За слободата или песна што не е песна, Облаците и ѕвездите, итн. се песни кои се арс поетични, а во кои поетесата го опишува чинот на пишувањето песни, како една песна се пишува и што носи таа. Што е арс-поетичноста? Тоа е кога поезијата станува лирски субјект кој се промислува себеси и го опишува чинот на создавањето и раѓањето на поезијата. Поетесата го критикува денешниот третман на поезијата како инфериорна во однос на другите жанри. Тоа е експлицитно изразено во следнава песна:

 

Повлекување

Се повлече од светот

поезијата за да не гледа како ја убиваат,

безмилосно, инспирацијата…

Еден по друг, еден до друг,

ја стиснаа меѓу прстите

држејќи молив, со единствена цел,

за покажување на сцена…

Не издржа, таква нежна, сета…

Се прекри со темнина

и белиот плашт на убавина

со срмена кама на крв натопена

ја замени свеченоста светла нема…

Ноти во безредие и без џез и без блуз

музиката на убавината ја застрелаа…

со лица, поглед врз поглед, еден врз друг…

Во сите пори на немилоста ја населија,

кошкајќи ја со вечноста

за да си пронајдат место

таму каде што место за нив не постои…

калта ја прекри за да

нема име, а име туѓо да зема…

без слика, без мелодија,

задушена, остана за здив да пека,

во премногу немилост, барајќи право

на она на кое право се нема…

ја фрлија, ја згазија под нозе, сета измачена, бледа….

се повлече милата во меѓупростор,

за да не гледа,

за да не гледа, за да не гледа…

 

          Во песните Сонцето, во сонце, сепак месечината ја сака бледа, Новогодишна, Ние,  итн. постои црно-бела матрица во креирањето на контрастот на поетските слики, а оксиморонот е прикажан преку играта со темнината и светлината, метафората на сонцето и месечината, денот и ноќта, сонот и јавето. Светлината и Сонцето се голема метафора за раѓањето на животот, раѓањето на креативниот здив и создавањето. Да се создава, да се пишува, да се живее со пишувањето значи да се има осмислена и среќна егзистенција. Раѓањето на денот е всушност метафора за раѓањето на поезијата. За Доцевска поезијата е живот, здив и подвиг да се создава преку егзистенцијата. Клучната порака на оваа книга е изразена во песната Раѓање на денот, а која е амблем за целата стихозбирка:

 

Раѓање на денот

Ќе престанам да пишувам,

знам, тој ден ќе престанам,

и нема да трагам,

нема да бегам од себе,

од каде што не може да се избега

и ќе знам,

тој ден сè ќе престане да тече,

што не треба и ќе биде,

слобода, нирвана,

времето ќе запре,

јас ќе бидам песна, а ти мелодија…

толку е блиску, чувствувам,

со редовите ќе се простам,

зашто ред по ред на мене

животот ќе пишува,

како молитва од две усни, во исто време,

во љубов, изречена

и остварена, измолена,

во ноќите во утрата, ќе биде ден,

денот ден,

а ноќта поезија…

тој ден ќе престанам да пишувам знам,

зашто животот ќе стане сон, а сонот вистина.

поет до поет,

поети на животот, двајцата.

молитва од сон и илузија,

изнедрена.

          Стихозбирката „Раѓање на денот“ на Оливера Доцевска е исклужително женско патување низ интимните соби на поезијата што сака да поткопа, да ја нагласи вистината која е потисната и скриена, да ги деградира негативните општествени состојби и боите на темнината. Низ жолто-златната боја Оливера Доцевска создава поезија со родољубив амбиентален признак што како контраст екстатично се издигнува над негативните состојби и актуелни случувања во татковината. За Доцевска поезијата е светлинска енергија што верува во подобро раѓање на денот и надеж за подобра иднина. Сè додека е поезијата, ќе постои надежта за раѓањето на новиот ден. На Оливера Доцевска ѝ посакувам уште многу стихозбирки, културни проекти и книжевни остварувања.

© 2021 Trend Magazine. All Rights Reserved - Powered by Optimus Solutions.

Scroll To Top