Ве известуваме дека Издавачката куќа Феникс од Скопје го подготвува својот најнов проект Претставување на светските литератури за деца и млади. За таа цел, во својата специјализирана книжарница за литература за деца и млади, која се наоѓа на ул.Борка Талески бр.48 (кај Универзална сала) од 1 јануари 2021 година и во текот на целата 2021 година ќе ги претставува светските литератури за деца и млади.
Покрај изложбите со книги и други изданија публикувани на оригиналниот јазик, ќе бидат презентирани и книгите и другите изданија објавени во превод на македонски јазик.
Книгите и другите изданија за деца и млади ќе бидат претставени пред пошироката јавност од страна на познати македонски литературни критичари, а ќе присуствуваат претставници на амбасадите, конзулатите и другите странски претставништва, воспитувачи, наставници, професори, деца, ученици, студенти, родители, новинари и други заинтересирани граѓани.
На презентациите ќе бидат читани фрагменти од книгите и ќе се разговара за спецификите на најпознатите дела и автори на националната литература.
Настаните ќе бидат со физичко присуство, или онлајн – во зависност од развојот на пандемијата.
Секоја национална литература за деца и млади ќе биде претставена индивидуално, а на крајот од 2021 година и заеднички на Саем на светските литератури за деца и млади.