Приказната на Ули Чар

Ми рече дека секогаш
Кога сум минувал
Покрај нејзината куќа
Со разбушавена коса
Со боја на старо злато
И со од на војник
Од фалангата на Александар
Стоела на прозорецот и ме гледала
Ми дала име на рок пеач –
Дејвид Боуви, Род Стујарат
Или можеби Роџер Далтри
Ми рече дека ми одредувала улога
Во секоја партизанска офанзива
И во скоја љубовна авантура
На младиот Шекспир
Ми рече дека ужива во музиката
Од филмот  за Доктор Живаго
И во сцени од „Сјајот во тревата“
Ми рече дека спие за да ме сонува
И се буди за да ме сретне
Под прозорецот како Петрарка
Или Сирано де Брежерак
Ми рече дека строго
Го почитува советот на нејзиниот татко-
Да избегнува  дружење со непознати
Потоа ме праша за моето име
И од каде доаѓам
Ми рече…
А, јас во стилот на Сем Шепард
Онака, тивко за себе, изустив –
„О, мој господе!“
(И толку со мојата приказна
Која, како и секогаш, треба да ја завршам
Пред да дојдат уличните чистачи
И пред  утрото да замириса

На бурек штотуку изваден од фурна!)

© 2020 Trend Magazine. All Rights Reserved - Powered by Optimus Solutions.

Scroll To Top