КОЈ ГИ ИЗБРКА ОД ОХРИД КНИГИТЕ ?!

Да седиш надвор на терасата и да ги минуваш летните попладневни часови со прекрасните звуци од виолината на маестро Благоја Димчески од првиот кат, тоа значи да присуствуваш на бесплатен и неповторлив концерт.

Да ручаш грав од Велмеј ситен и благ потпечен во рерна со охридски пиперки.

Да јадеш патлиџани директно скинати од бавчата на Пеце Трајкоски.

Да летуваш во Далјан, тоа значи да си подалеку од градскиот живот и врева, но поблиску до тишината, езерската вода и престојот надвор и во природа.

Да се капиш на плажата пред поранешниот Младински рекреативен центар, кој сега е затворен, напуштен и руиниран, веднаш до некогашната жива, средена и чиста воена плажа, чекајќи некои подобри денови и поуспешни сопственици, тоа значи да си меѓу старото и новото, помеѓу суровата реалност и блазираните соништа, меѓу фактичкото и посакуваното…

Со професорката Кристина Николовска разговараме за докторските студии, литературните манифестации, Друштвото на писателите и други и слични образовни и книжевни теми.

Единствен весник и дома и на плажата е Слободен печат, од кој во маркетот Шкор на крајот од денот не останува речиси ни еден примерок.

Во центарот на градот спроти Поштата, од некогашните десетина штандови и вистинскиот Летен саем со книги сега има само еден штанд и тоа главно со стари книги, зашто и претходниот и актуелниот градоначалник не презедоа ништо да ги задржат издавачите и излагачите со книги кои беа потреба, привлечност и атракција во градот, каде како во Дубровник, Сплит, Будва и други градови туристите купуваа и читаа книги кои се продаваа по саемски  цени на отворено, а сега се нудат само пченки, сладоледи, крофни, влечки, гаќи за капење, па ид долен веш.

Општината на градот Охрид,  буквално и реално немаше чувство, сенс и мерка за издавачите, книжарите и книгите и ги избрка со својата индолентност, незаинтересираност и калкулативност сите нив, што воопшто не смееше да се дозволи и случи во еден културен центар со вековни традиции и актуелни можности, потреби и перформанси.

Затоа, веќе следната година очекуваме повторно да се вратат книгите, издавачите и книжарите со своите штандови, популарно наречени тезги, спроти Поштата, покрај Езерото на кејот, или на некое друго место што ќе го определи градот.

Поранешниот Летен саем на книги што го организираше Конзорциумот на издавачи, книжари и печатари не е само нивна потреба и желба, туку и огледало и императив на бисерот балкански Охрид.

Патот до Свети Наум и Градиште и понатаму е со кривини и тесен, а уште полош е патот за Велестово кој не стана скијачки центар и од каде ако стигнете некако таму ќе уживате во прекрасниот бесплатен поглед кон Езерото.

Билјанини извори пресушија, но затоа пак тука се новиот канал и добрата храна и услуга во блискиот и истоимен ресторан.

На патот кон новата автобуска станица се нанижале маркет до маркет, кои сигурно добро работат и заработуваат, штом не е затворен ни еден, а ги одржуваат во живот купувачите но и здравата неѓусебна натпреварувачка и снабдувачка конкуренција.

Нешто слично е и на патот кон Лакочереј и Косел каде се големите магацини и складишта и каде нема што нема, а посебно внимание на муштериите привлекува новиот Хоби центар.

Ете тоа е Охрид, виден во едно неделно августовско попладне, низ кроки скици и нафрлоци и низ еден субјективен, но доживеан и искрен, интимен агол.

Охрид помеѓу желбите и можностите, без книги, но со долен веш, пченки и други дребулии и грди сцени и слики…

© 2020 Trend Magazine. All Rights Reserved - Powered by Optimus Solutions.

Врати ме горе