">

Ноќни дијалози

НОЌНИ ДИЈАЛОЗИ

Со трептеж и бранливо трпнење
во длабочините на утробата,
нестрпливо го очекувам
бесшумното гаснење
на небесната светилка.
Тогаш, се отвора невидлива брана
и со чајникот и шолја чај пред мене,
го дочекувам мирот како сензација.
Во мојот ограничен простор,
на треперливата светлина
на зелената свеќа,
навалицата од измешани гласови
и бурата од емоции,
ја стивнувам
во чувство на благосостојба.
Без трага од страв
го размотувам
мојот душевен тајнопис,
читлив и покрај
скршените сеќавања.
И, тогаш неумоливо
го гледам избраздениот
блед одблесок
на мојата некогашна душа.
Се гледаме очи в очи…
Таа и Јас,
Јас и Таа,
Таа сум Јас
Јас сум Таа.
Во една состојба
на крајна пасивност,
во скржавата светлина на месечината
ѝ ја наѕирам болката,
за нераскажаната приказна,
за посакуваното,
за изгубеното,
за пронајденото…

© 2020 Trend Magazine. All Rights Reserved - Powered by Optimus Solutions.

Врати ме горе