Остани

ОСТАНИ

 

Доволно ли си чист
за да газиш по водениве ливади?
Разликуваат ли замаеност од свежина
твоите машки гради?
Лесен ли ти е чекорот
за да се искачиш
до врвот на спокојот?

Ако си дошол да го брзаш времево
да го сечеш костенот, да го корнеш папратот
да го вознемируваш мирот
да пресоздаваш и твој ред да клаваш
тогаш птиците пеат: оди си, оди си.

Ако си дошол да го бакнеш изворот
да ги чувствуваш сласта и заморот
небесна музика да слушаш
да ја успокоиш твојата душа,
тогаш дабовите од сите страни
пеат: остани, остани.

Знаеш ли како мириса маточината?
Знаеш ли како жули копривата?
Умееш ли на тревите да им се смееш,
да трчаш и танцуваш на дожд и да пееш?
Умееш. Знаеш. Сети се.

Убавината постои заради неа самата
доволна си е на себе си
во тишината, во осамата
но кога љубов човечка природата ја бранува
нејзината убавина, поубава станува.

Ако со љубов ја гледаш
со поглед ја галиш
таа уште пораскошна е
затоа дојди, радувај ѝ се
потоа остави се како што е.

 

Сонце на денот

 

Во еден облачен, без сонце ден
есенски насолзен и замислен,
автобус чекав да отпатувам,
тагата на денот дома да ја однесам,
тагата на денот што моја стана.

На постојката жена застана,
со букет жолто цвеќе во раката.
Гледав во букетот.
Линиите на усниве и веѓиве
осетив како се поткреваат,
насмевките на лицето и светлоста во очиве
како созреваат.

Во букетот ја видов
градината каде неговите цвеќа пораснале,
ја видов неговата роса, неговото небо
тој букет-страк мирисно жолтило
стана мое сонце на денот.

Во еден автобус се качи жената,
а јас во друг
драга трага светлина се втисна во мене,
ко трага што остава во нива плуг.

Сончев беше тој ден,
сонце во очиве, во срцево во мисливе
ни улиците, ни небото. ни луѓето
како да не беа истите.

Денот не бил ни тмурен, ни тажен
и за овој ден сонцето имало два три зрака
сочувани грижливо во букетот
во една женска рака.

© 2019 Trend Magazine. All Rights Reserved - Powered by Optimus Solutions.

Врати ме горе