Да се биде човек, форма, песна

ДА СЕ БИДЕ ЧОВЕК, ФОРМА, ПЕСНА

 

Да се биде човек – да ѝ се овозможи на несната
да се искаже низ најразлични видови

Да се биде форма – недостатна за песна
неразбирлива за човек

Да се биде песна – да се надвиши човекот
да се излезе од формата

 

ЛУЃЕ, КОМУ ДА МУ СЕ ПРИКЛОНАМ

 

Човек и уште еден човек се луѓе
човек и уште еден човек
ретко се гледаат заедно

Човек и уште еден човек се луѓе
множеството луѓе е сурија
суријата делува со застрашувачко единство

На луѓе

Луѓе се само човек и уште еден човек
стојам меѓу луѓето и суријата
кому да му се приклонам

На луѓето
што во својата трогнатост станаа жени
На суријата
што со своето ‘ржење на луѓето
стана погубна за народот

 

РЖ

 

Рж беше човек
Без влакно на језикот
Рж беше храбар човек
Без влакно на јазикот
Рж и немаше јазик
Имаше тобоган
Од кој просто летаа
Опредметени зборови
Во отвореното море
И така
Морето ќе се разбрануваше
РжжжРжжжРжжж
Крокодилите ќе збеснеа
Рж-рж Рж-рж
Додека тој самиот
Тој Рж
И понатаму ќе стоеше на брегот
Како светилник
Со знаци исполнети со олово
Ќе ги предупредуваше птиците на разумен лет
И на Рж-песна
Ослободена
Од општиот глас
и од ронливите емоции

 

ПТИЦАТА СО ПРАПОРЦИ

 

кога ќе прелеташе над куќа
ми се чинеше дека небото е кратко
а нејзината брза сенка огромна
– Тоа е птицата со прапорци –
ми велеше на уво татко ми
Немој да ја гледаш со толкави очи
би можела да направи гнездо на таванот
а уште утре
јатото птици
да ја срази нејзината убавина
а хорската песна е тажна песна
летот в јато е одраз на немоќ
внимателно стани од нејзината сенка
нека таа слободно лета
препарираното крило го прави небото бесмислено

 

ИСЧЕКУВАЊЕ, СМРТ

 

решив да чекам
таа сигурно ќе дојде
по една од главните улици
или можеби прекутрупа
со едно од прелестните лица
или зад насмевката на маската на времето
ги испратив уличарите
и другите безделници
да ја чекаат
и да не ѝ дозволат да ме фати
на спиење
во длабок сон
додека грчам
уште и ширејќи ги рацете кон ѕидовите
од незнаење
изговарајќи го нејзиното маѓесно име
ААА
гледам дека и сонцето е затекнато
од нејзиното блескаво име
а аа ааа аа а
хорски се гласат ѕвездите
АаАа… а… а
од чичокот ја поздравува
црвената глава на трнарското врапче
ЗНАМ
Таа е веќе пред врата
ДУШО – отвори се
СЕНКО – бегај

 

ФОРМАТА И ЈАС

 

из/ле/гов од машината за пополнување на формата
влегов во бестелесноста на содржината
во гласот што го обврзува
гласникот Нарцис
Таму
кај што владее привидот
надмоќни се буквите
не постои рака постои рачен часовник
не постои вистина постои историска болка
и ние ја чувствуваме далечината
во сопственото срце
го чувствуваме дишењето на далечината
ние што сме свесни дека не постоиме
надвор од себе
само формата е
недофатлива во вид на птица
нејзината содржина е сенка
што епилептички нè прелетува
земjата водата и нас во ист миг
а на Оној што претчувствува и се надева
изложен на сонцето
ладот и времето му ги прави подносливи

 

РУЖАТА, СЛЕПИЛОТО, ЈАМКАТА

 

за слепецот сè е кажано
но не и за јамката што го стега вратот
но не и за ружата на која ѝ е наменета
тој ја виде куќата и воскликна – дом
но не ги виде страшните домашни
ниту пердушестиот облак насмеан над неа
туку првиот чекор и запре во ходникот
силниот удар на скорната му го врати видот
куќата се лелееше на водата
водата беше сета во пламен
токму како ружата
токму како ружата
мириса скапаниот дом
токму како јамка како јамка
висат празните облаци

 

ВО ОБЛАКОТ КОМАРЦИ
ГО ПРЕПОЗНАВ БРАТ МИ

 

Во облакот комарци го препознав брат ми
во облакот лути комарци се истакнуваше
во облакот комарци што несносно брмчеа над носот
Прв долета под мојата светилка
прв се опече на нејзината вжештена маса
прв плукна на нашето заедничко огледало
Светлината
што денот само за миг го прави видлив
Во облакот комарци го препознав брат ми
во облакот измрзнати комарци покрај реката
во облакот слепи комарци се истакнуваше со молк
Не размислувајќи за последиците
ја отпетлав кошулата
ги раширив рацете
во желба да го гушнам само него
само него единствен да го оживеам
И веднаш во тој миг слепите чувари на реката
опијанети од мојата човечка крв
лежеа под нозе
со посмртен напор си ја одземаа крвта едни
на други
Единствено него мојата крв не можеше да го
бојадиса
единствено на него не делуваше мојот отров
единствено тој мојата крв ја плукна в река
и како ништо да не се случило
почна сам да брмчи на другата страна на брегот
Денес сум пак покрај реката
зад мене се годините вековите на несфаќање
рибите со стравопочит ме гледаат под сидрата
птиците од гранки ме поздравуваат со топол измет
но јас не сум несреќен поради тоа
знам дека на другиот брег е мојот брат
со ист мол му се предаваме на ловот
а водата што навидум нè дели
– со жубуркањето – уште поцврсто ги поврзува
нашите брегови

 

СЛИКАЊЕТО НА СЕМЕЈНИОТ ПОРТРЕТ

 

реши сликарот да наслика семеен портрет
со креон молневито направи скица
потоа се оддалечи и почна да ја набљудува
на сите им ги погоди карактерните црти
ја постигна и третата димензија
таканаречената длабочина на сликата
која по сè изгледа
ја даваше ликот на нероденото дете
бојата беше сосем придушена сфуматична
незабележливо осцилирачка во интензитетот
што укажуваше на сообразност и психа на ист ген
насликан низ времето
но за чудење
веќе истиот ден со енергично движење на кистот
место татковата глава наслика бран
и му се пристори дека сликата станува појасна
и посугестивна
вториот ден од лицето на мајка му направи бајка
на која се фаќаше златен мов
и му се пристори дека сликата доби
во својата експресивност и цврстина
третиот ден ги избриша браќата и сестрите
од семејното платно и што беше извесно
сликата доби неочекувана светлина
поради што беше принуден веднаш со неразредена
ултрамарин-сина да ги премачка чистите
лица на децата
и сликата веднаш ја доби саканата сериозност
со многу бескрајна тага
потоа однекаде одзад неговиот грб се огласи
уплашената жена – Да не си ме допрел –
сликарот го фати кистот и го замачка
лицето на својата жена
што дотогаш настојчиво ѕиркаше под летвичката
потоа се истави и последен пат погледа
во семејниот портрет на кој дури тогаш забележа
дека никаде не оставил место за своето
сопствено лице
СОВРШЕНО си рече тивко себеси
и при дното на сликата напиша АВТОПОРТРЕТ

 

ВРАЌАЊЕ НАНАЗАД

 

Одам наназад
можеби низ ѕид можеби надвор од времето
сè што стои зад мене
и не ми е некоја пречка
само луѓето да ми се пред очи
Гологлав се иставам од сонцето
вжештеното чело ми го осветлува патот по кој одам
свесен дека од моите чекори зависи
со која брзина ќе се врти Земјата
дека од моите опачни мисли зависи
нејзината сигурност и убавина
Одејќи наназад сè што ми беше далеку
како ми да станува поблиско и блиско
О колку е проѕирно дрвото
со густа круна од митски имиња
о колку е блескаво детето
што го удира со скорна во подножјето
каде што е најчувствително
Јас непрестајно одам наназад
затоа мојот сон не можете да го прекинете
како лоша телевизиска драма
или како конче да го пресечете со ножици
додека слепо јурите напред
со снопче соништа во прегработ
од кои попусто ве предупредувам
на Себе на Нас на Оние што доаѓаат

Од српски препеал
Ристо Василевски

© 2019 Trend Magazine. All Rights Reserved - Powered by Optimus Solutions.

Врати ме горе