">

Од оваа страна

ОД ОВАА СТРАНА

Велат, немало човек без вина,
ниту имало човек без долг.
Дека е така од оваа страна,
страната на животот.
Кај што има ден и ноќ,
и мирис на полен напролет,
кај што зрелоста пламти
и водни шурки сребреат.

Овде секогаш има и траги на смрт.
Не велам не. Има. Насекаде.
Онаму скапува мртва чавка.
Онде, пак, крај купови лисје,
свенуваат разлазени толпи.
Наоколу се шири реа од гној,
од засирена крв, од излеан гнев.
И од преполни контејнери и канти.
Крај нив талкаат луѓе и животни.
И одумираат старите приказни.

Рак-рана е тоа.
Ја лечам со пролетен сируп,
со мартинки и со бистри супи.
Со мелем од зборови.
Имам и за вас, ако ви треба,
за вашите систоли и дијастоли,
за нужните паузи на срцебиењето
во шупликавите вени.

 

ПРАЗЕН ЛИСТ

Стои до смрт, нем сведок,
спремен да слушa
мачна исповед крај масата.

Зборовите, птици рибарки,
кружат и демнат
над белото море.

Ги нема црните рибини јата.
И сенките нивни ги нема.
Од небото зјае празнината.

Го викам напомош
мојот замислен брат, грбавиот кит,
мојот верен придружник.

Нека труби низ водата.
И нека прска висок млаз.
Пред вас.

 

ДОСЛУХ

Во еден незаборавен миг,
очи в очи се гледаме со бескрајот,
со тој мајчин син.

Во мојата мрежница сликата е матна,
лошо прекршена низ очните леќи,
леко нанесена од воздушен веј.

А можеби нему сега му треба
огромна лупа за да ме види.
Или и тој како мене гледа
низ перископот за длабочината,
низ телескопот за далечината,
низ волшебната имагинација.

Ако ја најдеме вистинската константа
и ги собереме непрегледните одломки
во кораби полиноми од флота на равенства,
можеби ќе втасаме до формулата темелник
и тогаш ќе се знае кој чиј е и на која доба,
дека би можело постара од него да бидам.

Јас, дребната, од тој гороломник.
Тој нем, а јас со жив говор.
Очи в очи со бескрајот.

И сега, кого гледаме јас и тој?
Другиот? Или, пак, себе?

О, не покажувајте со прст!

Подобро брцнете го
во медот на поезијата
и насладувајте се!

 

ВО КАС

Се спушти рамноденицата,
албатрос со сферични крилја,
едното темно, другото светло.

Присилно закосена, Земјата
каска по скриена елипса,
пригмечена од својот товар.

Не ѝ олеснуваме,
ние грвалиците, порои бучни
со темни и светли даги.
Со опсежни триплети
кодираме заплеткани пајажини
во семантичкото поле,
во потрага по синергија,
по цврсто логичко скеле,
по ново рамновесие,
по ист јазик со вселената,
полна со зинати дупки
и со силни сончеви бури.

 

ВО ПОЛЕ СО РОЗИ

О тој тон,
тој челичен тон!

Висок и рамен
пробива во ушните школки.

Тон како фиук на копје на ритер на коњ
што сече оклоп на ритер со копје на коњ.
Се струполуваат на полето.
И челичниот звук со нив,
и звукот на другите сечива,
ножеви, мечеви, јатагани…

О тој тон,
тој челичен тон!

Макар и придушен до немост,
го препознавам во убодот на трновите,
во болниот бодеж на пчелиното осило
дури го бранат поленот на розите,
никнати во дамна ораните полиња
од коњски копита и од машки марш.

 

ГО БАРАА БОГ

Ми тропнаа на врата Јеховини сведоци.
Другпат, од месната православна црква.
Да видат дали кај мене дома наминува Бог
и дали со Него сум на ти.

Им велам, не знам.
Напати крај мене меко кацнува гулаб.
Напати круната на старата јаболкница
болснува позлатена на заод.
Напролет воскреснува мртвата земја
во синија со плодови
и ги нахранува сите живи.
Понекогаш смрзнувам од страв
и саноќ не ме фаќа сон,
се прашувам, каде ли одиме.

Им ја враќам поканата за кај нив.
Нека е со среќа, им велам.

 

НИКОГАШ ВО ИСТА ВОДА

На Хераклит

Кај што има вода има и риби.
И запалени што итаат на риболов.
Ноќ и ден. Крај потоци и реки.
Во езера, мориња и океани.
Стегаат стапови како жезли,
превртуваат шарени мамци.

Кај што има риби има и рибари.
Тие никогаш не влегле
во иста вода кога ловат.
Дури ја чекаат златната рипка,
како деца се заиграни докрај
во игра за која можат да гинат.

Кај што има рибари има и приказни
и оние што докрај се опиваат од нив.
Кој што фатил. И не фатил.
Каде и кога се лови најмногу.
Зошто сега не гризе рибата.
Такви нешта. Корисни и не толку.

Одгоре ги следат ѕвездите,
мижуркаат, подобро да видат.
Месечината ја влече водата,
Сонцето врти невидлив вител,
врзан за Земјиниот појас,
го отвораат патот до рибите.

Кај што има риби има и сон.
Сон да се улови златната рипка.
Таа за Ахаб е бел кашалот,
кој се вика Моби Дик*.
За Енгус е сребрена пастрмка
со бел цвет во косата**.

А можеби Сонцето и Месечината
на лач го пуштаат својот лик
да се ниша меѓу шарените мамци
и подмамуваат со златен сон.

* Бел кит кашалот од познатиот роман на Херман Мелвил, „Моби Дик“.
** Лик од песната „Песна на скитникот Енгус“ (The Song of Wandering Aengus) на Вилијам Батлер Јејтс, каде што уловената пастрмка се преобразува во девојка, која бргу исчезнува (V. B. Jejts, Kula, BIGZ, Beograd, 1977, 65).

© 2020 Trend Magazine. All Rights Reserved - Powered by Optimus Solutions.

Врати ме горе