Eдинствена ликовна синтеза (Кон творештвото на Ибрахим Беди)

Ибрахим Беди веќе зад себе има творечки опус од скулптури, слики, цртежи и сценографии. Во неговата поливалентна отвореност и сеопфатност тој испишува само една и единствена примарна идеја и нишка водилка, а тоа е ликовната уметност сфатена и прифатена како заедништво, синтеза, неделивост, целовитост и компактност.
Всушност, преку сликарството (сликите и цртежите) ја визуелизира белината, а преку скулптурите и сценографиите го облагородува, надополнува, (пре)осмислува, надградува и заживува просторот.
Ибрахим Беди е еден од ретките автори кај нас кој подеднакво посветено, успешно, темелно, ангажирано и рамноправно (рамномерно) се занимава со неколку само навидум различни, а сепак компаративни и кохерентни дисциплини.
Па, токму затоа, и во неговите скулптури најчесто и неизоставно е присутно сликарството, па тие се спој, комбинација и симбиоза на скулптурата и сликата.
Додека пак, и сликите не се имуни, сепаратни и без скулптурските идеи и додатоци.
Тоа се огледува не само при изведбата, туку и при замислата, иницијацијата, заокруженоста и имагинацијата.
Впрочем, Ибрахим Беди секогаш како да тргнува од еден и единствен зародиш, нуклеус и иницијална каписла, а тоа е ликовноста, визуелноста и сеопфатноста.
Притоа, посебен акцент става врз економичното и функционалното, па неговите скулптури се со навев и призвук (инклинирање) кон применетата уметност.
Додека пак, во сликите и цртежите избива и доминира чедноста, лирската димензија, чистотата, јаркоста, јасноста, искреноста, ненаметливоста, наивноста и прозрачноста.
Преку сината, виолетовата и жолтата боја, како најдоминантни тонови и валери, и со својот добро познат минималистички ликовен израз и исказ – тој ја освојува белината (белата површина и простор), посветувајќи му се целосно на човекот и неговиот живот (постоење, егзистенција).
Спојувајќи ја традицијата со постмодерната, преку отвореноста, преплетувањето и проткајувањата, Ибрахим Беди испишува еден свој, спефичен и оригинален ракопис, односно богат, содржаен и ангажиран ликовен опус.
Со своите оригинални авторски вредности, Ибрахим Беди постојано ги истражува различните но сродни медиуми, а притоа и самиот станува (бидува) медиум!
Пленува и облагородува неговата инвентивност.
Трагајќи и откривајќи (остварувајќи) секогаш нови простори и исходишта (видици, точки, концепти, проекти…), тој воодушевува со својата едноставност, лапидарност, концизност, јадровитост, непосредност и ненаметливост.
Ибрахим Беди прави единствена ликовна синтеза, на постмодернистички појдовни основи и постулати, базирани и потпрени на традиционалните постаменти, карактеристики и белези.
За почит и респект е колажноста на неговите дела, но и бегството и надградбата на типското (типичното) со и преку нетипичното (атипичното).
Во делата на Беди сведоци сме на бројни елементи и елементарноста на делото. Но, исто така, и на творбеноста на самиот креативен чин, при што се воочува и согледува и самиот процес на раѓањето (појавувањето, откривањето, изнедрувањето) на делата.
Имагинацијата на Беди е поетска и лирска, тој постојано ги ревитализира, ги истражува, ползува и презентира новите можности, па како и при перформансите – речиси подеднакво ги експонира трите С: скулптурата, сликарството и сценографијата.
Неговото уметничко дејствување е современо, актуелно, космополитско, хумано и обврзувачко, а неговиот основен концепт е интеркултурен, интерактивен и интермедијален…

проф.д-р Христо Петрески

© 2020 Trend Magazine. All Rights Reserved - Powered by Optimus Solutions.

Scroll To Top