Да одиш напред. Да чекориш по вода, кога е можно.

1/

Детството, уште повеќе отколку младоста, нè води низ животот засекогаш. Во една неодамна објавена книга („Во Лотарингија”) посветена на починатиот современ белгиски писател Жан-Клод Пирот, ги цитирам овие негови зборови: „ Низ темнините на детството минуваат зраци на неодолива светлина, а детето е само поклоник на светлите мигови”.
Младоста е нешто друго. Пријателите се тие што влегуваат во спалната на детството и што можеме да направиме повторно да оживеат…
Моите спомени од детството не содржат ништо исклучително. Живот на село, во Нормандија, блиску до морето, опкружен со книги и секогаш покрај мајка ми кога готвеше. Сакав да ја сфатам магијата на подготвените јадења. Детство поминато во природа, на воздух заситен од сол, радости и ветер на малечките болки… И денес сè уште го сакам селото. Не знам што да мислам за градовите, дека се повеќе виновни од невини?

2/

Капење в море уште од раното детство, па матура од природно-математичка област, студии по книжевност и филозофија, лекторски места во Велика Британија и САД, потоа дипломатија… Живот како и сите други, по малку плод на случајноста. Живот на љубовник на литературата која ме информира за реалноста…

3/

Да одиш напред. Да чекориш по вода, кога е можно. Да ги избегнуваш подводните карпи. Да веслаш. Да ги претвориш пречките во отскочни штици, кога е можно. Сакате да ме наведете да зборувам за дипломатијата… Во Франција, кога ќе го чујат зборот дипломатија помислуваат на чоколадите Фереро Роше, култна реклама од осумдесеттите години. За дипломатијата почесто владее погрешна претстава отколку вистинско познавање. Обично се мисли дека дипломатот не работи ништо друго освен што исполнува протоколарни обврски до доцните вечерни часови демонстрирајќи добри манири. Реалноста е поинаква. Бев на служба во Либија… Пристигнувам во Триполи на денот на смртта на американскиот амбасадор Крис Стивенс, убиен во Бенгази на 11 септември. Тоа е мојот прв шок, првата детонација… Девет месеци подоцна, се случува напад на амбасадата на Франција. Како епиграф на книгата посветена на мојот либиски период (Немирни денови во Либија”), го цитирам Маларме: „ Треба неколку секунди за да се уништи еден свет”. Со тоа сè е кажано.

4/

Мојот најголем успех? Да бидам жив, меланхоличен и во добро расположение. Тоа успевам да го постигнам со многу читање, патувања и верни пријатели.
5/ Де Гол и Черчил кои воопшто не се почитуваа. И би додал: Анатол Франс, Пјер Лоти, Селин, Флобер, Бодлер, Рембо, Нервал, Калаферт, Шардон, Нимие, Моран, Рирот, Песоа, Пруст, Емануел Бов, Жубер (премалку познат), Жорж Перос, Солерс, Цвајг, Штајнбек, Томас Харди, Леото, Жил Ренар, Жид, Шанфор, Кардиналот де Рец, Ери де Лука. И многу други што ги заборавам… Моите јунаци во фикцијата се јунаците на Бекет што воопшто не постојат или постојат фрагментарно, со прекини, во најзабележителните делови од делата.

6/

И понатаму си пишувам по малку, или плетам како што обично велам. Водам дневник, камен темелник на мојот незначаен писателски живот. Секоја вечер, секое утро, во него пронаоѓам одредена етика. Дневникот е моето расположение, мојот морал. Повторно ќе го изразам своето воодушевување за Жозеф Жубер што пишувал само Бележници… Стилист кому не му било важно дали ќе биде објавен.
Поконкретно, во јуни 2018 пешачев 220 км со една мазга по линијата на Македонскиот фронт, помеѓу Битола и Солун. Тоа беше марш во чест на војниците од Македонскиот фронт. За овие заборавени од Првата Светска Војна, понекогаш со презир нарекувани, вклучително и од Клемансо, „солунски градинари”. Пишувам книга за тоа.
Загриженост? Таа е постојано присутна, во врска со сè. Јас сум весел песимист. Не верувам во среќа. Од страв да не биде доволно возвишена, не се осмелувам да ја искажам, се плашам да не ја уништам искажувајќи ја. И особено… не верувам во големи зборови… Интензитет и хармонија ми се чинат помалку догматски отколку среќа.

7/

Какви пораки? Секогаш е добро да го протресеме својот светоглед, да се ослободиме од јаловите мисли, да ги истераме црните мисли. Да го одржуваме телото здраво бањајќи се со топла и ладна вода и да се одмораме со книга в рака. Какви пораки? Да не ги „преживаме” штетните мисли како крава, зашто на крајот тие можат да ни предизвикаат мачнотија во стомакот (смеа)…

Х.П.

© 2020 Trend Magazine. All Rights Reserved - Powered by Optimus Solutions.

Scroll To Top