Црвенкапа во Охрид

1.

Некаде точно по полноќ Црвенкапа се спушташе од Плаошник надолу кон кај Света Софија. Нозете сами ѝ одеа, просто ѝ летаа пред неа, а таа во устата имаше обична четка за заби со малку каладонт од јагода. Не ѝ се допаѓаше толку вкусот од вештачка арома на јагода, колку што ѝ беше пријатен мирисот на здивот откако со езерска вода веднаш потоа ќе ја исплакнеше устата. Тоа го правеше Црвенкапа редовно секоја вечер откако среќно пристигна од Скопје пред неколку седмици кај баба ѝ, во малечката но чиста куќичка што се наоѓаше под самата Самуилова тврдина.
• Одам во живот – ќе си речеше Црвенкапа, ќе ја ставеше четката со малку каладонт во устата и ќе истрчаше по прудолнината кон Охридското езеро, не сакајќи непотребно да губи време дома пред огледалото.
Во Охридската чаршија демнеа безброј волци, а разликата беше само во тоа што едни ја нарекуваа чупе, други дејче, трети момиче, а четврти само ја гледаа и се чудеа на нејзината несекојдневна убавина.
• Се распрашав кај пријателите, но ова девојка нема име, едноставно сите ја знаат и препознаваат како Црвенкапа, а уште нагалено ја викаат и Црвена – се пофали за откритието најљубопитниот и највљубениот меѓу насобраните момчиња пред ресторанот Летница. Видете ја, таа е како газела, вистинска принцеза – додаде тој.
И, воопшто не беше далеку од вистината. Црвенкапа како да беше директно падната од небото и по грешка како да беше дојдена тука. Откако ќе направеше еден круг од Пристаништето до Чинарот, таа размислуваше дали да се врати назад по истиот пат, или да продолжи по тесните улички од кај Пазарот и по заобиколниот пат да се врати назад.
• Не, не можам а да не го видам и да не го вкусам пред спиење уште еднаш Езерото – размислуваше најубавата девојка тоа лето во градот, а момчињата одвај чекаа да ја следат по нејзиниот вообичаен а необичен стрмен пат од Езерото до дома.
Таа најпрвин повторно се симнуваше до бистрата и чиста езерска вода кај Канео, па откако повеќе пати со двете раце ќе си го измиеше лицето, не заборавајќи да си ја навлажни и русата коса, на прсти како срна ќе се искачеше право пругоре и кришум ќе влезеше во малечката кујна која служеше за готвење, но и за спиење кога имаше повеќе гости.
• Многу го сакам Живко Чинго, можеби затоа и сум тука. Ги сакам неговите книги и раскази, исто како што ги сакам и белите сочни црешни од Велгошти. Среде лето зрели црешни, и тоа без ни еден црв, никаде го нема тоа, освен во Охрид и во песната за Воденските черешни – си помислуваше таа пред заспивање.

• Почетокот не е лош, но имаш премногу географија. Премногу топоними на едно место, како да сакаш да (по)кажеш дека добро го познаваш Охрид. Се обидуваш да напишеш расказ, но очигледно немаш приказна – се побуни веднаш критичарот штом започна да го чита овој расказ.

• Да, настанот е вистински, но девојката во реалниот живот не е од Скопје, туку од Русија. Доаѓа тука секое лето за да ја преведува прозата од Живко Чинго. Таа уште а прв поглед се вљуби во Езерото, но и тоа се вљуби во неа. Кога ќе се сретнеа две убавини на едно место одеднаш, кога ќе се огледаше руската убавица во своето прекрасно и по малку нестварно лице, тоа го набљудуваа само рибите во водата, но и најволшебните ликови од иконостасот во црквата Света Софија, а од неодамна нечујниот чекор на Црвенкапа го следат и неколку од црномурестите и потемнети од сонцето диви галеби. Тие ќе стражарат и ќе ја придружуваат Црвенкапа, обидувајќи се за секогаш да ѝ го откраднат срцето и тоа никогаш да не се врати веќе назад за да му биде темно и ладно.
• Е, ова е веќе многу подобро – се јави уште еднаш критичарот. Само продолжи во тој стил, ако не излезе расказ, можеби ќе успееш да напишеш современа бајка – повторно промрморе тој.

2.

• Да (пак одговарам потврдно), но ликовите кај Чинго однапред се дефинирани и полнокрвни. А јас овде имам само слаби назнаки и контури на замислен, но неразвиен лик. Црвенкапа, односно Црвена е современа, урбана девојка, која дење чита со очилата со голем диоптер и преведува под сенките на високите стебла (простете, но не знам дали се јавори, тополи или нешто слично) на охридската плажа во Далјан, каде со пенкало во посебна тетратка го запишува секој преведен збор. Црвенкапа, а каква би била Црвенкапа и без тоа, носи и црвено пенкало со кое подвлекува, става прашалници и извичници ако не е во потполност сигурна при преводот и ако нешто не ѝ е сосема јасно.

• Зошто да не го искористиш и тој податок дека Црвена е од Русија, што ќе рече дека и во нејзините вени тече словенска крв – се јави портрет и последен пат критичарот.

• Затоа што закомлицирав уште на самиот почеток од расказов и ја оплескав поприлично работата, зашто кажав дека девојката дошла од Скопје и дека се сместила кај нејзината баба во Охрид. Но, и тоа не е толку многу страшно, зашто бабата на Црвенкапа, а тоа ќе рече – мајка на нејзината мајка навистина е од Скопје, а има ли нешто поубаво, отколку да се преведува од мајчиниот јазик на родителите и никогаш да не се заборават своите корени и предци. Ова звучи малку познато и паролашки, но прекрасно се вклопува во приказната која можеби најпосле ќе излезе од автолавиринтот и конечно ќе добие нов и вистински тек…

3.

• Треба да се раскажува жестоко и аргументирано. Без долги и празни воведи. Со симболи, значења и факти. Убаво е што девојката дошла дури од Русија и што се прошетала низ старата охридска чаршија, но тоа не е доволно – се побуни сега решително и мојот двојник. Тоа со четката за заби и каладонтот со вештачка арома на јагода е мошне оригинално и добро. Девојката ги плакне забите и се мие во Охридското езеро, како чудесна принцеза од бајките, згора на тоа полека но сигурно го учи македонскиот јазик и со натчовечка љубов и страст се труди да ги преведе прекрасните и речиси непреведливите раскази на Живко Чинго, но ти треба Црвенкапа да ја издигнеш до нивото на несудена хероина во еден современ постмодернистички расказ, каде сред летната летаргија во Охрид речиси ништо не се случува, а врие од (аван)туристи, познати личности и места и ретки настани и поместувања во конвенционалниот македонски прозен дискурс. Доста со историцизми и непотребни антагонизми, доста со анахронизми и неокласицизми…

Црвенкапа преморено и спокојно заспиваше во рацете со по некоја од книгите на Живко Чинго. Читајќи ги и препрочитувајќи ги новите редови и страници кои беа за преведување на ред утре, таа блажено ја спушташе главата на перницата исполнета со сува мека планинска трева и мирис на мајчина душичка, сонувајќи по некоја насмевка на охридските галеби, кои денизден ја облетуваа секаде каде што ќе ја сретнеа, а ретко кој знаеше за нејзиното потекло, обврска и мисија.

И, што се случи потоа?

Црвенкапа, за жал, мораше да се врати назад во Москва, поради болеста и смртта на нејзината мајка. Никогаш од тогаш не дојде повторно во Скопје и Охрид. Но, во руските книжарници и библиотеки срамежливо се појави најновото издание на избраните раскази на Живко Чинго. Во Велгошти продолжија да зреат белите сочни црешни, а критичарот радосно запиша во својот дневник: Како да ги читам расказите од Живко Чинго преведени од македонски на македонски, а не на руски јазик!

И има ли поубав крај на еден штотуку напишан, а недовршен расказ?

© 2020 Trend Magazine. All Rights Reserved - Powered by Optimus Solutions.

Scroll To Top