Премолчан страв

Премолчан страв

Сите чуваме понекој страв,
некогаш заради навика
некогаш заради себе.
Нѐ плаши заборавот,
усвитеното сонце
Нѐ плашат познајниците…
растеме со стравот
а тој стои накострешен под креветот
и брои колку пати трепнуваме
колку вдишуваме…
Чуваме понекој страв
скриен од другите
и го молчиме да не нѐ откријат
Оти стравот е за исплашените

 

Заборавени

Забораваме наутро да споделиме насмевка
забораваме да се погледнеме себе пред
другиот.
Заборавени остануваат минатото и
сегашноста.
Од брзање забораваме да почекаме
од гнев забораваме да простиме.
Заборавени сме од себе
го забораваме доброто, паметиме лошото.
Толку заборав, а малку спомени
Забораваме зошто, а паметиме затоа
забораваме колку малку сме
за да се губиме
Забораваме колку боли паѓањето
а зборот лекува
Забораваме дека сенката е со нас
толку колку што светлината нѐ следи
забораваме свесно
а толку малку треба
за да се присетиме.

 

Како деца

Како деца игравме криенка.
Трчавме посилно од ветрот
скриени зад камењата, дрвјата.
Единствен звук беше оној на срцето
и голтнатиот страв за победа.
Како деца игравме криенка
и молкот ни беше сојузник.
Наведнати со скриен поглед
го дебневме противникот
криејќи ја и сопствената сенка.
Игравме криенка како деца
носејќи насмевки и
понекоја расправија, солза или
намуртени лица.
Играјќи криенка научивме
како да се скриеме од споменот,
избегаме од денот
и вратиме во ноќта.
Научивме безгласно
да му се вратиме на мигот
и никој да не го спознае детето
заборавено во секој од нас.

 

Време на вештерки

Облеков црна наметка
ја разбушавив косата
изгубив некој заб
Време е за вештерки…
Не ме плашат огнот под нозете
и здивената мисла
Шетам наоколу со новиот лик
и се препознавам во себе, во нас
Време е на вештерки
јаздам по небото
испробувајќи ги метлите.
Од високо навиките се полесни

 

Разлетани птици

Ги разлета птиците од мене…
Со еден удар ги исплаши
и одлетаа од гнездото што им го чував
Како без птиците во мене сега?
Како секогаш на земја, а висините далечни?
Праша ли како е да се биде празен?
Ги разлета моите птици
ги растрча како црн облак
ми измисли ветер од крилја
и разлетани коси-пердуви…
Ги нема моите птици
но ќе дојдат нови
и слетат токму овде, на моето рамо
зашто знаат оти им го чувам гнездото
и им подготвувам лет,
знаат дека ним земјата им е туѓа, а мене небото
Ги исплаши моите птици
но повторно долетаа
оти знаат како е да се биде празен.__

 

Еден ден

Еден ден ќе ја изодам патеката
и нема да застанам.
Ќе газам низ тревките без да жалам за свитканата
им снага
Еден ден ќе успеам да препознаам луѓе
и затворам прозорци да не ме допира нивниот здив
Го учам животот
онака како што можам
онака како што знам
Еден по еден ден си нижам ѓердан
и кревам вратот угоре
да не ме стрмоли
и зрната заглават в грло.
Еден ден ќе успеам
да ја препознаам заматената зеница
на моите пријатели
и избистрам душата
оти со јадови е полна пустата.
Ќе биде еден ден
ден повеќе во мојот живот
ќе тргувам со него оти е мој.
Еден ден ќе престанам да мислам
оти другите одамна научија молк
Ќе престанам да им се лутам на лицемерните
оти они го спознаваат само своето.
Еден ден ќе простам
онака како што знам
онака како што ме научи животот
ден за ден.

 

Кажи како?

Кажи како да ја симнам
наметката од плеќи,
онаа истата со која
ме повиле при раѓањето ми?
Тежи пустата, а тенка е,
покрива а проѕирна е.
Кажи како да се остави
родилниот превез и
избега од сопственото растење?
Како кожинката се менува
за да поживееш на туѓа сметка?
Кажи како очите
при раѓање ми ги измиле
та сè уште не гледаат?
Како в грло плачот ми секнал
та сега гуши?
Знаеш ли како сум вдахнала воздух
до закашлување?
Ако знаеш нешто, кажи
оти нез нам каде
по сопствената патека да згазнам
при очи сум слепа
при збор, нема.
Знаеш ли оти кријам ново раѓање?
Овој пат ќе се родам гола
ќе излезам во боја
и измијам со дожд.
Ќе го позајмам гласот на птиците
и ќе peam
Знаеш ли, убаво ќе биде.
Околу мене ќе шумолат дрвја
и мирисаат тревки,
а јас ќе го славам животот.
Виде ли сега како е без превез?
Како е со грло полно гласови
око полно вистина.
Сега знам како изгледа раѓањето…
Исто е, само треба претпазливо
зашто не секогаш треба животот да боли.

 

Кога

Кога игравме
цртавме линии
за да знаеме
до каде сме скокнале.
Кога правевме мостови
сакавме да ја допреме
другата страна на реката.
Ако ѕидавме ѕидови со кутии
тоа беше оти сакавме
заедно да дишеме во еден простор.
Така нè учеа и низ игра растевме
Сега линиите
се граници,
мостот – поделба што е наше,
а што туѓо.
Ѕидовите ни ја трескаат главата
се стеснува просторот
секој посакува да вдишува
измислен воздух.
А си бевме научени
да цртаме, градиме…
оти бевме деца
и така знаевме
Така требаше да биде.

 

Среќавања

Се среќаваме во заминување
секој секому го мери чекорот
од туѓото мерење забораваме на своето.
Се среќаваме заради навика
а попречуваме од незнаење
Секое среќавање е зад грб
со мисла пакувана
Се среќаваме случајно
лажно радувајќи се
лажно чекајќи го повторното видување
Нашите средби се за да не се сретнеме
Оти се научивме на самотија
Оти се научивме на исчекување

 

Качувања

Секој има свое качување
некој е скала погоре
некој подолу
Сами сме во тишината на качувањето
сами во болката
сами во радоста
Сами сме со сите.
Скалилата се само предизвик
чекор напред или назад.
Важно е да се стапне и остане
ветрот е тој што ќе го оддува правецот.
Секој има свое качување
лесно или трновито
Тишината е за сите

© 2020 Trend Magazine. All Rights Reserved - Powered by Optimus Solutions.

Врати ме горе