Молитва за Скопје

Мoлитва за Скопје

Се раѓаш со тресок и секавици

во новиот ден
по сите огнови што те палеле,
по сите води што те носеле,
и бранувањата на карпите
што те колнеле
и со својата покривка те покривале.

Се тркалаат камења низ тебе,
како Вардар што ги тркала белутраците
во своето корито,
но сепак остануваш чист и бел
како песната што останува
во моминско грло
чиста и бела.

Твојот кладенец
во зелените очи на Водно
ги собра сите солзи
на страдалниците
што зборуваат на различни јазици
и се молат на различни богови,
а исплакуваат исти болки.
Во храмот Рождество на Пресвета Богородица
во летниот ден
свеќа палам
за рождество на новата песна
и растежот на твоите липи,
зошто и ореово дрво за тронот твој
не растеше залудно…

Се молам на светицата
Пресвета Богородица Троеручица да те сочува
од времето на гладни скакулци
кога умот станува
празнина на изгладнета мешина,
а длабината на душата
се мери со длабочината на јаслите.

Нека те сочува од оние
што носат мртви птици
на своите дланки
за да ја сокријат тајната за летот
под нивните мртви крилја
додека синевината на небото
ја бојадисуваат во крв.

Благословена Таа меѓу жените,
што плодот свој го чува,
нека ги сочува
и плодовите твои
од неизодливи патеки
на крстосници од бездни
и темни дамки на расчовечување.

Нека сочува
грстови ѕвезди во твоите ноќи
што светкаат на оние
кои постојано ти се враќаат.
Под ореолот на Света Богородица,
исцелителка на сите болки,
приспивалка да ти отпеам,
ти мирно да ми спиеш.

 

Само да те сакам

Ќе станам солза
од окото модро
што тече
и ќе истечам така
никогаш веќе во окото
да не се вратам…
Од мене
само солена трага
на лицето ќе светка…
Само да Те сакам…

Ќе Ти се умилкувам
и домилкувам,
вовлекувам и додворувам,
портата од дворот Твој
за да ми ја отвориш.
Пепелта од огaн
во дрво
пак ќе се сторам
и ниедно сечило нема
растежот да ми го запре,
за да можеш во летната жештина
под сенка од вејка моја
да заспиеш…
И сонот ќе Ти го чувам
во скутот мој
како реликвија
во времиња немили
што се чува…
Само да Те сакам…

Како пиреј ќе никнувам
секаде на Твојата кожа
и ќе се закоренам
каде и да Те допрам…
Во триста јазли
и јазлиња
ќе се врзам,
никогаш од Тебе
да не заминам…
Само да Те сакам…

Ќе се крстам
и прекрстам,
и името свое ќе го фрлам
на птиците
да го исковаат,
засекогаш да го снема,
Дениција да можеш
да ме наречеш
и последното писмо
да ми го напишеш
без страв
дека ветерот ќе го однесе
во погрешна насока…
Само да Те сакам…

Песна ќе станам
за Тебе испеана
и најубавите зборови,
како медовина размачкани,
ќе Ти ги размачкам
на усните Твои.
Така ќе Ти се излепам
и залепам
за јазикот и непцата…
Само да Те сакам…

Во последната Песна
што ќе Ти ја испеам,
со радост, ќе умрам
за да можеш
Ти да се родиш…

*Песната е инспирирана од Петре М.Андреевски и испеана како модификација на неговата песна „Умилкување“

 

Свети Јован Бигорски

Кога поетот ќе замолчи
зборовите се влеваат
во жуборот.
Радика прозборува
во името на
планината.
Таа тука
ги мие немирите.
Останува
бигор со тишината
приказната да ја прераскажува.
Застанува тагата
и се топи во
чудењето.
Мијачката на лицето и очите
ни ја прави виделината
и ни го разоткрива мракот
во душата и умот.
Мислата ги допира
маглените врвови.
Во резбата на олтарот
Свети Јован Бигорски
ја чува тајната
на минатите времиња.
Болката на дрвото
пресоздадена во топлина
и убавина
нѐ учи
што да направиме со болката
што ја носиме во рацете.
И додека
во немоста своја
стоиш и гледаш,
Радика наместо тебе
зборува.
Пенејќи се
кажува молитва
после која останува
само чист бел камен
како бигор
во нас.
Ги допирам минатите времиња…
Го допирам минатото
со дланките
на глаголицата,
со белилото на карпите,
со песната на ѕвоното,
со молкот на каменот…
во шепотот на елките…
А всушност, се ѐ
една голема,
голема тишина…

 

Катанци печалбарски

Патеки…Патеки…Патеки…
А копнежот тлее…

Улици…Улици…Улици…
А чекорите ја бараат онаа што од сонот излегла…

Куќи…Куќи…Куќи…
А домот го нема…

Прозорци…Прозорци…Прозорци…
А светлината не влегува…

Порти…Порти…Порти…
А ‘рѓосан катанец виси
на секоја железна алка
и не го мери времето…

 

Стомна

Пред да заминат
чекорите на баба ми,
од земја и глина
со своите раце
таа направи стомна.

Не беше стомнарка таа
ама ја направи стомната
онака, како што знаеше.
Ја галеше, пеејќи
и плачејќи.

Стомната беше од земјата
од нивата што татко ѝ
ја подарил во мираз.
Таа нива раѓаше жито.
Со тоа жито
се ранеле децата
што ги раѓала таа.

И двете биле мајки-родилки.
Земјата и таа.

Кога дојде денот за заминување,
таа не сакаше да замине
без стомната.
Мораше да го згасне огнот
и на порта да врзе синџир.
Но, стомната ја понесе на рамо…

Со стомната одеше на кладенче
и секој ден ја полнеше
со вода и со копнеж за својата земја.
Во неа носеше вода
што ѝ течеше
низ грлото нејзино
и низ грлата на нејзините деца.
Стомната им ја гасеше жедта,
но не можеше да им ја угаси тагата.

Ја чуваше стомната со душа,
оти таа беше грст земја нејзина
во туѓ свет.

Понекогаш
им кажуваше на своите деца:
„Човек не е грне
да се скрши.“

Стомната додаваше на тоа:
„Жива вода
од него
ќе потече…“

© 2019 Trend Magazine. All Rights Reserved - Powered by Optimus Solutions.

Врати ме горе