Гласот како потврда за женското постоење

„Гласот на другоста и перспективите на женското писмо“ на Ана Вељаноска е интердисциплинарна студија од областа на книжевноста, културологијата и женските студии. Ова е прва научна книга на Вељаноска, а во која таа доста вешто разработува тема од областа на наратологијата и ја поврзува со женското писмо во роман. Оваа студија ги разработува гледните точки или фокализацијата на женските ликови и карактеристиките на женскиот глас кој врши деконструирање на стварноста и прикажување на гледните точки на женските субјекти. Книгата концепциски се состои од пет компактни целини: вовед или нацрт на тезата, втор и трет апликативен дел во кој Вељаноска од американската книжевност се задржува на романите „Излегување на површина“ на Маргарет Атвуд и „Стакленото ѕвоно“ на Силвија Плат, а од македонската книжевност го интерпретира романот „Катализатор 33“ од Ирена Јорданова. На крајот авторката дава заклучок во кој таа ги сумира клучните тези од истражувањето. 

Во Воведот, Вељаноска ги поставува истражувачките прашања и темата на истражувањето. Гледна точка или фокализација според Жерар Женет и студијата „Говор на расказот“, е перспектива, гледиште на субјектот кој набљудува или позициите на субјектите во романот. Има мноштво од гледни точки, и затоа секој субјект преку свој глас ја презентира својата вистина, а повторливите вистини стануваат тврдења како стереотипи и предрасуди, а  кои се пренесуваат како знаења во дискурсите на моќта. Централна тема е гледната точка на другоста, односно; стојалиштата и фокализацијата на женските субјекти во романите (лик-наратор-автор). Неопходно е искажувањето на женскиот глас како истакнување на женските идеологии и пополнувањето на ехото од тишини во патријархалната хомогена мисла создавана од машките авторитети на знаењето. Затоа, не постои само еден централен поглед на свет, туку хибрид од културни разлики и родовата гледна точка која светот не го гледа со исти замрзнати очи. Во воведот авторката тргнува од феминистичките теории на француските и англо-американските теоретичарки: Сузан Шнајдер-Ленсер, Роси Браидоти, Јулија Кристева, Џудит Батлер, Хелен Сиксус, итн, и ја поставува тезата дека женскиот субјект конструира своја гледна точка или стојалиште преку кое ги формулира сознанијата за светот и стварноста. Женскиот субјект е активен субјект кој дејствува, креира и создава вистини. Со артикулирањето на женскиот глас во романите, писателката интервенира во стварноста. Женскиот глас во романите говори за своето минато, сегашност и иднина. Тој е потврда на женското постоење во историјата. Романот е жанр во кој светот се конструира преку гласот на протагонистите. Гледната точка е зависна од ликот, раскажувачот и од авторот. Писателката затоа умее преку женските ликови во романите да го прикаже женскиот наративен глас и стварноста што ја живеат жените, но и третманот на општеството кон женските субјекти. Вељаноска затоа избира романи напишани од писателки, затоа што токму тие го впишуваат женскиот глас, стојалиште и фокус изразен преку женските ликови. Авторката покажува преку избраниот корпус на дела дека женскиот глас носи поинаква порака во романите напишани од писателките. Тоа е така затоа што авторките пишуваат преку телото, а нивниот глас е течен, метафоричен, субверзивен, деконструктивистички. Наративниот глас на писателките на романи има за цел да ги нападне стереотипите и предрасудите, и да ја прикаже вистината на жената како другост. Во втората глава Романот „Излегување на површина“ на Маргарет Атвуд, Вељаноска го анализира наративниот глас што ги проблематизира прашањата за жената и бракот, домот, приватната и јавната сфера. Мултифокалноста говори за тоа дека вистината зависи од начинот на кој субјектот ја пренесува приказната. Романот на Атвуд го носи новиот глас на современата жена ослободена од стеги и предрасуди. Наративниот глас на безимената нараторка и на ликот Ана – жена од црната раса го носи општествениот глас на колонизираната жена, а преку кој се огледуваат сите жени и нивните проблеми.

Во третата глава именувана Романот „Стакленото ѕвоно“ на Силвија Плат, Вељаноска дава интерпретација на наративниот глас на автобиографскиот роман и нараторката која трага по својот идентитет. Низ гласот на Естер Гринвуд одекнува автобиографскиот глас на Силвија Плат. Таа ја раскажува својата животна приказна, врши себепреиспитување. Овој автобиографски роман има за цел да го излее женскиот глас за да истече зрното вистина. Гласот на нараторката е гласот на ликот кој всушност е ослободување на себеси од авторитетот и цензурите.

Плат го напишала ова дело за да се ослободи од минатото и болеста. Автобиографскиот глас го изнесува тоа што е приватно пред јавноста. Романот е конверзација на мноштво гласови и гледни точки, но гласот на нараторката е примарен и низ него го проследуваме и општествениот глас кој бил ограничувачки за жените. Нарацијата во трите романи е течна, кружна како што е женското тело. Мноштвото на гласови одеклнува како звук од стакленото ѕвоно. Во четвртиот дел Романот Катализатор 33 на Ирена Јорданова, Ана Вељаноска се задржува на гледните точки на женскиот безимен наратор кој дава осветлување и прочистување на монолитните општествени гласови. Авторката покажува дека и македонските авторки ги следат светски тенденции и пишуваат современи теми од женското секојдневие. Главниот лик и нараторка во потрагата по еликсирот на љубовта сака да покаже како луѓето да се ослободат од болката. Умирањето на женскиот лик на триесет и три години го симболизира умирањето на цензурите за женскиот глас. Санитарниот закон е катализатор на женскиот глас. Овој иницијациски роман на Јорданова всушност, преку женскиот глас не воведува во современиот свет во кој жените се двигатели на своите судбини, се реализирани субјекти со нови родови улоги. Женските ликови од романите на Атвуд, Плат и Јорданова го симболизираат новото артикулирање на жената како глас и тие го репрезентираат женското писмо на писателките кои низ вековите било пригушен глас во однос на машкото писмо. Женските ликови преку својот глас и фокус имаат за цел да покажат дека постои и друга страна на приказната од перспективата кога една жена пишува романи. Женскиот глас е автобиографски, но и општествен глас бидејќи, е критика на културата.

Сузан Шнајдер-Ленсер во „Фикции на авторитет, жените писателки и наративниот глас“ разликува неколку типови на глас: соодветен глас, авторитативен, личен глас, колективен глас, симултан или пак секвенцијален глас. Секвенцијален глас во нарацијата се јавува како глас кој зборува како „ние“, но од аголот и перцепцијата на „јас“. Симултаниот глас во нарацијата  говори како „ние“ и перцепира како „ние“. Безимените ликови на Јорданова и Атвуд кога говорат се гласот на универзалната жена. Личниот глас ја покажува појавноста на ликот. Покрај личниот глас кај овие ликови тоа е колективниот глас на жените. Плат во романот го има секвенцијалниот глас кој е личен и колективен, но и авторскиот глас бидејќи, е автобиографски романот. Кај трите авторки постои и авторитативниот глас, кој ја покажува врската меѓу нараторот и другите ликови, но и врската наратор-автор, бидејќи писателката сака да ја наметне својата веродостојност на приказната. Во Заклучокот Ана Вељаноска ги сумира своите истражувачки тези. Таа вели: „Секој глас, колку и да е мал, станува голем кога ќе се приклучи во низата на ослободените што (о)станува форма / модел преку која се бележи потврдата на постоењето.“ (Вељаноска, 127)   Зошто се важни гласовите на писателките во романите? Затоа што преку нивните романи се актуелизира премолчениот глас и гледна точка, а со тоа и занемарената вистина на жените, женските теми. Да се пишува како жена значи да се остави молкот во минатото и преку впишувањето на својот глас да се стане пристутен и видлив во конструирањето на општествената стварност. Писателките ја менуваат стварноста на жените, сликата на жените и ја зголемуваат нивната вредност како субјект. Жената веќе не е безгласна буква, туку субјект со свој глас, став, гледна точка, стојалиште и позиција за говор и создавање знаење.

„Гласот на другоста и перспективите на женското писмо“ на Ана Вељаноска може да констатирам дека е успешна научна книга што носи нови перспективи во феминистичката теорија и критика и нуди нови научни сознанија во книжевната наука. На Ана Вељаноска ѝ посакувам уште многу креативни гласови претворени во гласноговорни книжевни остварувања.

© 2019 Trend Magazine. All Rights Reserved - Powered by Optimus Solutions.

Врати ме горе