">

Бисер е мигот

Бисер е мигот

Да останеме
во времето,
мила моја,
во спомените
на овој град,
да пешачиме
среќни
со своите мили,
со пријателите,
со добра мисла
да се љуби
ближниот свој
и да го благословиме
изобилието
на животот
подарен од Бога!
Секој миг е бисер,
секој ден-
вечност,
секоја година –
светлина,
а ние,
мила моја,
запомни:
само ѕвезди сме
меѓу ѕвездите,
еден ден
што ќе згаснат!

2.9.2019

 

Збор во молкот

Ме болат зборовите
што сум ги напишал
а уште повеќе оние
што длабоко
ги молчев и премолчував.

Некоја чудна ведрина
е животот:
патуваш некаде,
леташ некаде,
леташ…

Пишуваш и молчиш
или зборуваш летајќи
а никој да те слушне –
никој да те разбере
и молкот да ти го чуе!

18.9.2019

 

Книгите

Сум ги наредил книгите
на дрвени полици
во мојот дом,
некои
во гостинската одаја,
други
во одајата за спиење,
трети
во тесниот ходник,
неколку
на масата за пишување…
Писатели,
светски и домашни,
писатели,
поети,
нобеловци и почетници…
Секој
има свое место:
во гостинската
за нобеловците,
во спалната
за бестселери,
во ходникот
за оние
што треба да влезат
или излезат
од моето паметење…
На работната маса
се моите
ненапишани книги
за влезот
или излезот
во некој туѓ дом,
во некоја туѓа памет!

16.08.2019

© 2020 Trend Magazine. All Rights Reserved - Powered by Optimus Solutions.

Врати ме горе